|
Реакции во Хрватска и во Србија за смртта на Тоше
17. октомври 2007. - Продуцентот на шоуто 69 на Златан Зухриќ Зухра, Едвин Софтиќ за Јутарњи лист изјави дека на Тоше Проески му предлагал во Загреб да допатува со авион, но оти македонскиот пејач го одбил предлогот и сакал да патува со автомобил. Пријателите на Тоше наведуваат дека тој имал страв од летање кој не го надминал и покрај честите патувања. Катја Рестовиќ, која денеска во Пореч требаше да го режира видеоспотот за песната на Тоше Игре без границе истакна дека преку СМС се допишувала со загинатиот пејач до два часот утрото. Се договаравме за деталите за спотот, се шегувавме ... Тоше во последната СМС напиша дека во Пореч ќе стигне во вторник навечер, штом заврши со снимањето кај Зухра. Со ништо не можеше да се предвиди дека никогаш повеќе нема да се видиме, низ солзи вели Катја. За Јутарњи лист актерката и пејачката Антонија Шола која со Тоше настапи пред 11 дена на неговиот мега концерт во Скопје откако ја слушнала тажната вест заминала за Нова Градишка, каде беа хоспитализирани менаџерката и возачот на Тоше. Соработниците на Тоше Миро Буљан и Ненад Нинчевиќ имаа само пофални зборови за него. Многу сум тажен, не знам што да кажам. Тоше беше комплетна личност, драг пријател. Буљан и јас заедно работевме на неговиот нов албум, направивме само две снимки кои најверојатно никогаш нема да ги објавиме. Тој беше единствен вистински наследник на Здравко Чолиќ и единствен пејач од младата генерација кој имаше шанса да биде права, вистинска ѕвезда, што всушност и беше. Бог се му даде и се му одзеде, изјави Нинчевиќ за Јутарњи лист. Буљан наведува дека се смрзнал од шок. Дури не ни заплакав, толку бев запрепастен од веста. Момчето, кое на татко му од заработка од еден од првите концерти му купи автомобил, навистина сите го сакаа, истакна Буљан.
***
Хрватските почитувачи на музиката на Тоше Проески кои не заминаа на погребот во Крушево, се простија од саканиот македонски пејач во Мултимедијалниот центар во Загреб, во просториите на неговата издавачка куќа за хрватскиот пазар - ХИТ Рекордс, каде беше организиран директен пренос од неговиот погреб, јавија хрватските медиуми. Мнозинството хрватски музичари, кои за денеска имаа закажани промоции или концерти, ги откажаа во знак на почитување кон загинатиот македонски колега. Книгата на жалост, што вчера беше отворена во зградата на Амбасадата на Република Македонија во Загреб, синоќа беше испратена во Скопје.
***
Белградските дневни весници во денешните изданија најголем простор му посветуваат на ненадејната и шокантна смрт на популарниот македонски пејач Тоше Проески. Тага, Тоше меѓу ангелите, Замина балканскиот крал на попот се наслови кои доминираат на насловните страници на белградските дневни весници. Весникот Блиц под наслов Замина балканскиот крал на попот пренесе изјави на возачите кои први стигнаа на местото на несреќата. Само минута по сударот на местото на трагедијата стигнал Саша Мустапиќ, вработен во Хрватски патишта. Возачот беше при свест но не комунициравме. Повикав итна помош која стигна за 15 минути. Се обидов да ги тргнам деловите од возилото од патот за да не се случи уште една несреќа. Жената која беше во шок и која трчаше наоколу се обидов да ја смирам, вели Мустапиќ. Блиц ја пренесува и изјавата на возачот на шлеперот со италијански регистарски таблички во кој удри возилото на Проески, белграѓанинот Славиша Кузмановиќ. Тој и на полицијата и кажа дека возачот на таурег-от возел пребрзо и дека удрил во приколката на неговиот камион. Кузмановиќ изнесува претпоставка дека возачот на таурег-от најверојатно сакал да го претекне но дека го видел камионот во последен момент и свртил на лево. Во еден момент само почувствува удар и помислив дека ми пукнала гума. Тогаш во ретровизорот видов што се случува. Го запрев камионот и заедно со работниците кои работеа на автопатот притрчав во помош. Од автомобилот се слушна менаџерката на Тоше која седеше позади и бараше помош. Плачеше и викаше: Тргнете го лимот, извадете го Тоше, извадете го Тоше!, истакна Кузмановиќ кој тврди дека ударот во приколката бил толку силен што ако камионот не бил натоварен со 25 тони градежен материјал и тој ќе излетал од патот. Блиц пренесува и изјава на познатиот хрватски кантавтор Никша Братош кој требаше да сними англиска верзија на еден од хитовите на Тоше. Оваа трагедија за мене е тотален шок. Пред неколку дена се слушнав со него и требаше да дојде кај мене. Некогаш човек се запрашува зошто таквите луѓе заминуваат во момент кога имаат уште толку многу да дадат. Беше привилегија да се соработува со него. Беше скромна и позитивна личност. Премалку е да се каже дека прерано замина, истакна Братош. Под наслов Тага белградскиот весник Пресс ги пренесува сведоштвата на пожарникарите кои се нашле на местото на несреќата. Весникот наведува дека десната предна страна на возилото беше целосно уништена, а делови од автомобилот биле разлетани стотина метри наоколу. Пожарникарите и полицијата на местото на несреќата стигнале по неколку минути, но морале да го сечат лимот на целосно уништениот автомобил за да ги извлечат патниците од него. Тоше не беше свесен во моментот на несреќата. Загина на место. Моравме да го сечеме лимот за да дојдеме до неговото безживотно тело кое лежеше згмечено во автомобилот. Главата му беше облеана во крв и цела со длабоки рани, а лицето целосно непрепознатливо. Не видов дека се отворени воздушните перничиња, изјави еден од пожарникарите кој прв стигна до мртвото тело на Тоше и го покри. Весникот пишува и за шокот во цела Македонија, во Крушево, родното место на Проески, како и за неговото семејство и роднини. Вечерње новости за прераната смрт на младиот македонски пејач објави наслови: Тоше меѓу ангелите и Прерано згасната ѕвезда, а Политика во текстот Заминување на принцот на балканскиот поп наведува дека Тоше беше еден од ретките пејачи кој по војните од деведесеттите години успеа да ги надмине границите на новонастанатите држави. Белградските медиуми пренесуваат изјави и на колегите и на пријателите на Тоше. Се уште не можам да поверувам дека исчезна едно толку младо, културно и премногу талентирано момче. Секој кометар е одвишен. Светот остана без врвен пејач и сите го сакаа и почитуваа, изјави текстописецот Марина Туцаковиќ. Пејачката Гоца Тржан потресена од смртта на Тоше вели дека тој и бил како помлад брат. Тоше го знам од самиот почеток на кариерата бидејќи снимивме прв заеднички дует. Длабоко ме потресе неговата смрт. Премногу е тажно што едно така добро воспитан човек исчезна од Планетата. Нашиот однос секогаш беше однос на помлад брат кон постара сестра. Упатувам најискрено сочувство на неговото семејство и до фановите меѓу кои можеби најголем фан сум јас, истакна Тржан. Хрватскиот пејач Тони Цетински исто така тешко ја поднесе веста за смртта на пријателот. Потресен сум. Откако слушнав за смртта на својот драг пријател и колега не можам да прозборам ниту збор. Беше голем професионалец, но воопшто не е важно кога се има предвид колку беше голем како човек. Ги имаше сите карактеристики на ангел. Не знаеше за злоба и не сакаше да го прифати фактот дека постојат лоши луѓе, наведе Цетински. Пејачката Тијана Дапчевиќ тажната вест за трагичната смрт на Тоше ја слушна во родното Скопје: Во тотален шок сум и едвам зборувам. Во понеделникот цел ден имав чудно чувство па вечерва отпатував во Скопје за да го видам семејството. За жал, рано утрово ме дочека тажна вест - дека мојот Тоше повеќе го нема. Таков пејач нема да се роди во наредните 50 години. Плачев цел ден и повеќе немам солзи. Се познававме речиси од детството, а последен пат се слушнавме пред еден месец. Ова е голема загуба и трагедија не само за Македонија туку и за целиот регион. Господ го зема само најдоброто. Во Скопје се е застанато. Од кафулињата и рестораните се слушаат само неговите песни. На плоштадот луѓето плачат и палат свеќи... Пејачот Жељко Јоксимовиќ изјави дека изгубил голем пријател: Ужасно се чувствувам. Веста за смртта на Тоше ме стави во сомнеж дали воопшто се разбудив. Сите изгубивме сјаен пријател и поединец. Балканот изгуби недоместлив уметник. Ова е ненадоместлива загуба за целиот Балкан. И пејачот Владо Георгиев истакна дека Тоше имаше божествен глас и оти тој загуби еден пријател повторно во сообраќајна несреќа што е целосно лудо. Бора Ѓорѓевиќ кој напиша и една песна за Проески исто вели дека неговата смрт е загуба за целиот регион. Многу ми е жал и длабоко сум несреќен поради оваа трагедија. Таква е оваа наша тезгарска работа, изложени сме на опасности секој пат. Секој од нас може да помине така, а за жал Тоше ја плати цената. Тоше Проески беше исклучиелен пејач и многу добро и воспитано момче. Неговата смрт не е само загуба за Македонија бидејќи тој беше ѕвезда на просторот на поранешна Југославија. Тоа го потврдува и неговиот концерт во преполната Арена. Тоше инаку пееше и еден мој текст и навистина сум тажен, истакна Ѓорѓевиќ. И Словенија е во шок и неверување. Пејачката Ања Рупел не може да верува дека се случила таква трагедија. Тешко е што било да се каже во овој момент. Цело претпладне ми ѕвони телефонот, разговарам со пријатели новинари и навистина не верувам што се случило и морам да кажам дека сум многу потресена. Трагедија е кога млади луѓе умираат на ваков начин, а бидејќи во овој случај загина некој кој и лично го познавав навистина сум во шок и не верувам. Тоше беше одличен пејач, одличен човек, совршено се разбиравме. Неколкупати имав чест да настапувам со него. Снимивме и еден спот, а бев и негова гостинка во Македонија. Најтрагично во целата ситуација е тоа што знаејќи за неговите квалитети, а тие навистина не можеа да се оспорат, Тоше можеше уште толку многу да даде.
|
|
|
|
|
|